Ветерниците на ЕЛЕМ на пат за Македонија
Согласно динамиката на работа, овој капацитет ќе биде вклучен во електро-енергетскиот систем на Република Македонија до крајот на годинава, најавија од ЕЛЕМ.
Првите ветерни електрани кои треба да се постават во Богданци стигнаа на грчка територија – во Солун, неофицијално дознава Фактор. Се прават и последните подготовки за овие 16 турбини да се транспортираат од Солун до Богданци. Извори од енергетските компании очекуваат дека најверојатно во следните две недели ветерниците ќе стигнат во земјава и ќе почне нивната монтажа. Кога точно ќе се монтираат ветерните електрани и кога ќе почне пробното производство од ЕЛЕМ се уште не обелоденуваат. Сите детаљи најверојатно се чуваат за официјалната јавна промоција на инвестицијата.
Конзорциумот од Siemens Wind од Данска и Siemens AS од Грција треба да му ги испорачаат на ЕЛЕМ турбините на ветер за Паркот на ветерни електрани во Богданци. Пред месец и половина од ЕЛЕМ изјавија дека на локацијата Ранавец, кај Богданци привршува изградбата на командната зграда, трафостаницата на која ќе биде поврзан ветерниот парк и дека се прават подготовки за фундаментите за ветерниците.
“Согласно динамиката на работа, овој капацитет ќе биде вклучен во електро-енергетскиот систем на Република Македонија до крајот на годинава. Турбините се меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2,3 мегавати, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. Монтажата на овие ветерници ќе обезбеди вкупна инсталирана моќност од 36,8 мегавати, со што се заокружува првата фаза во изградбата на овој визионерски енергетски објект“, изјавија неодамна од ЕЛЕМ за Фактор.
Дел од парите за реализација на Првиот ветерен парк „Богданци“ се обезбедени преку кредит од германската КфВ банка, потпишан во април, минатата година. За проектот чијашто проценета вредност е 55,5 милиони евра, заемот КФВ Банка е во износ од речиси 48 милиони евра, додека 7,6 милиони евра ќе обезбедиат Државните Електрани, од сопствени средства. Од компанијата оптимистички најавуваат дека ветерниот парк во Богранци ќе продуцира струја доволна да се снабдат околу 15.000 домаќинства или вкупно 60.000 граѓани, односно минимално годишно производство од 100 гигават/часови од ветерна енергија или приближно 2% од моменталното годишно производство.
Данско-грчкиот конзорциум е должен да ја испорача, транспортира и монтира опремата, да ја пушти во употреба и да се грижи за одржувањето на ветерниот парк.
Инсталираната моќност на секоја од турбините е 2,3 мегавати, висината на столбовите 84 метри, а дијаметарот на елисата треба да биде 93 метри.
К.П.
Слично
