5 Мај - Пресвртница за раѓање на граѓанскиот отпор
5 Мај – Денеска се навршуваат две години од насилниот упад во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ кога студенти кои спремаа испити во доцните вечерни часови беа нападнати и малтретирани поради граѓанскиот револт изразен преку протести за правда и мир. Овој датум беше пресвртница кај протестното движење, бројноста стана поголема, револтот на тенка линија.

Тогаш се испиша дел од историјата на граѓанскиот отпор којшто бараше алтернативи на општеството за правда и мир преку пораката “Дејствуваме здружено, за поинаква сегашност!”

Протестот почна откако СДСМ на 5 мај ги објави бомбите кои открија како власта го затскривала убиството на Мартин Нешкоски. Новите сознанија за убиството на 22-годишното момче од страна на специјалните единици во 2011 година и обидот да се прикрие неговата смрт и да се избегне политичка одговорност предизвикаа гнев и револт. Семејството преку повик побара правда и одговорност со мирен протест пред седиштето на Владата. Се бараше оставка.

Гневот на народот и жестокиот удар на власта преку полицијата за да го задуши отпорот против, како што велеа учесниците лагите и криминалното владеење прерасна во насилна слика. Работите се сменија откако дел од демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да дојдат пред Владата, а во тоа успеаа неколкумина, меѓу кои братот и мајката на убиениот Мартин. Подоцна полицијата ги истурка сите демонстранти и употреби сила за бркање на демонстрантите низ улици во центарот на градот. Во потрагата полициски специјалци упаднаа и во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Поради сомнеж дека учествувале во протестот беа приведени и малтретирани и студенти што учеле.
Следеа силни напади на демонстрантите, тензии во обид за насилно задушување на протестот. Полицијата со оклопни возила и водени топови за застрашување употреби прекумерна сила врз нив. Протестите продолжија наредниот ден и деновите потоа. Секој ден во 18 часот. Се проширија и во другите градови .
Кривичниот суд досуди осум условни и една затворска казна во траење од 10 месеци за деветмина демонстранти обвинети дека предизвикале инциденти и нападнале полицајци за време на протестите. Во полицискиот лов на протестот на 5 мај 2015 според податоците имаше 38 повредени и 30-ина уапсени граѓани. Тогашната министерка Гордана Јанкулоска и екс премиерот Никола Груевски ја пофалија полициската акција и ја оценија како професионална. Според Јанкулоска, тогаш штетата беше проценета на седум службени возила, а од полициската опрема 22 штита, 5 шлемови, еден елек, штитник за нога и една радиоврска.Таа на прес-конференција уверуваше дека полицијата максимално брзо го расветлила убиството на Мартин Нешкоски и дека не биле најдени докази за одговорност за претпоставените на убиецот, полицискиот службеник Игор Спасов, припадник на специјалната единица „Тигри“.
Реагиреше и Хелсиншкиот комитет за човекови права кој посочи дека полицијата неселективно ги удирала и газела сите граѓани, од кои голем дел седеа мирно на земја со кренати раце, а при приведувањето, полицијата применила неселективна, прекумерна и несразмерна сила. Приведувањето траеше и кога граѓаните веќе не учествуваа во протестот и заминуваа кон своите домови.
Три дена по крвавиот 5 мај следуваа масовни и мирни протести во Битола, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Куманово, Охрид, Свети Николе и Штип. Се бараше оставка од Владата, движењето “Протестирам” стана помасовно. Следуваше голем митинг на 17 мај на кој се организираше и Кампот на слободата на Илинденска и се направи сериозен притисок врз власта. Се отвори патот за преговорите во Пржино во обид да се разреши кризата. Протестите кулминираа по одлуката на претседателот Иванов да прогласи аболиција за сите обвинети и осомничени во постапките кои што ги покрена СЈО, а беа поврзани со прислушуваните разговори. Од 12 април минатата година почна нов серијал протести, кои се одвиваа под мотото Шарена револуција.
5 Мај остана запаметен како ден кој беше пресвртница на серијата настани за граѓанскиот отпор кои следуваа.
C.Б.