4.3 милиони евра од ЕУ и УНДП за природните ресурси на Македонија
Инвестирањето во заштитата на природата носи економски придобивки за општините, а во таа насока е проектот финансиран од Европската Унија и Програмата за развој на Обединетите Нации кој вреди 4,3 милиони евра
Со овие пари ќе се подобрува менаџирањето со природните ресурси во заштитените подрачја во Македонија.

Во Инфо центарот на Националниот парк Галичица, проектот го промовираа министерот за животна средина Садула Дураку, амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.
Во следните 28 месеци, проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја” ќе го реализира УНДП во партнерство со македонското министерство за животна средина и просторно планирање.
– Веруваме дека овој проект ќе помогне да се заштити богатиот биодиверзитет на земјата и заштитените подрачја истовремено подобрувајќи ги животите на луѓето. Ова е уште еден доказ дека ЕУ е тука и може да сметате на нашата поддршка и во иднина, истакна амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар.
– Ние во УНДП сме почестени што ја имаме оваа нова можност да работиме заедно со нашите национални партнери со цел да обезбедиме ова природното богатство биде зачувано за сите идни генерации, потенцира постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон.
Според министерот за животна средина и просторно паланирање, Садула Дураку успешната имплементација на овој проект ќе придонесе кон подобро и поодржливо управување со природните ресурси во заштитените подрачја во државата.
Во рамки на проектот ќе бидат доделени 20-на грантови кои ќе бидат искористени како за поразвиените и етаблирани заштитени подрачја, како НП „Галичица“, така и за помалку развиени заштитени подрачја.
