30 ГОДИНИ КОРЕОГРАФСКО ТВОРЕШТВО: Десетвековниот сон на Света Софија продолжи со сонот на Рисима Рисимкин
Реномираниот домашен кореограф и уметнички директор Рисима Рисимкин синоќа во срцето на Охрид одбележа 30 години активно кореографско творештво. Претставата „ИДЕНТИТЕТИ – Историја на еден растегнат сон“ донесе магија во црквата Св. Софија и пред домашната публика вдахна посебна енергија во предворјето на храмот.

„Прекрасно е да се одбележи ваков јубилеј заеднички со публиката која е со мене сите овие години. Среќна сум што уште еднаш успеавме да им ги освоиме срцата, токму во историската Св. Софија, како дел од годинешното, исто така јубилејно Охридско лето. Сите се наоѓаме во една многу необична ситуација. По пет месеци онлајн работа, минатиот месец Скопје танцовиот театар за првпат влезе повторно во студио. Оваа претстава ја направивме за неверојатно кратко време и сметам дека е вистински одраз на тоа како се чувствуваме ние, каде оди светот, кој е нашиот, а кој заедничкиот универзум и како ние всушност си поигруваме со него, и за жал, не знам каде ќе завршиме. Тоа беше и пораката која сакавме да ѝ ја пренесеме на публиката. Во однос на танчерите, можам да кажам дека се млади, талентирани и потполно посветени, што ме прави среќна и со задоволство соработувавме сите на оваа сензитивна тема“, истакна Рисимкин, додавајќи дека е посебно врзана за манифестацијата Охридско лето.

„Во 1996 година токму овде, за првпат започнав со организација на манифестација за современ танц. Тоа беше неделата на модерен балет, а програмска селекторка на фестивалот беше госпоѓата Снежана Анастасова-Чадиковска. Тогаш на некој начин се отворија вратите за соверемениот танц на Охридско лето. Се надевам дека и во иднина ќе правиме само убави работи и повторно ќе доаѓаме на Охридско лето, кое уште еднаш докажа дека во однос на организацијата и професионализмот од секој аспект е на највисоко ниво“, додаде таа.

Инаку, претставата „ИДЕНТИТЕТИ – Историја на еден растегнат сон“ е во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски. Костимите се на Благој Мицковски, а сценографијата е со потпис на Матеа Мијановиќ. Настапија Андријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Валентино Апостоловски, Бобан Русески, Исидора Краљевска и првенката на НОБ, Мими Поп-Алексова како гостин.
