22 Авганистанци од Македонија заминаа во Канада
Канада обезбеди престој за нова група авганистански граѓани кои беа згрижени во Северна Македонија, соопштија од Владата.
Додаваат дека 22 авганистански цивили, кои во изминатиот период престојуваа во Северна Македонија, добија престој во Канада.
„Денеска со лет од меѓународниот аеродром во Скопје заминаа вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“. Со ова продолжува успешната мисија за трајно решавање на статусот на мирољубивото население на Авганистан кое е во животна опасност од талибанскиот режим. Северна Македонија активно учествува грижејќи се за неколку стотини кои до сега пристигнаа во земјава. Повеќе институции и невладини организации се ангажирани пружајќи им ја сета помош и поддршка додека се сместени во објекти во Скопје. Вклучени се здравствени работници, волонтери на Црвениот крст, а со правна помош за обезбедување документи потребни за заминување во трети земји асистира Македонското здружение на млади правници“, велат од Владата.
Бегалци од Авганистан во повеќе наврати пристигнаа во земјава, но истите потоа и заминуваат од Македонија. Тие го напуштија Авганистан, откако во земјата се случија промени и власта ја преземаа Талибанците при крајот на август лани.
