15 години затвор за Австриец со потекло од Македонија во случајот со концертите на Тејлор Свифт
Австриски суд му изрече казна од 15 години затвор на 21-годишниот Беран А., австриски државјанин со потекло од Македонија, кој беше обвинет за планирање терористички напад поврзан со концертите на Тејлор Свифт во Виена.
Пресудата ја донесе судот во Винер Нојштат. Обвинетиот признал дел од наводите, а бил прогласен за виновен за повеќе кривични дела поврзани со тероризам.
Случајот се однесува на настаните од август 2024 година, кога австриските власти ги откажаа трите планирани концерти на Тејлор Свифт на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена, откако безбедносните служби спречија можен напад.
Обвинителството го поврзува случајот со онлајн радикализација и со терористичка идеологија. Во истиот процес бил осуден и негов сообвинет, Арда К., кој добил 12 години затвор.
Беран А. пред судот изразил жалење за своите постапки. Неговата одбрана тврдела дека тој не бил идеолошки водач, а според дел од медиумите можно е пресудата да биде обжалена.
