Економија, финансии, бизнис

Контакт

„129,4 милиони денари пренасочени за покривање на трошоците за платено политичко рекламирање“: ДЗР со бројни забелешки за работењето во ДИК

„129,4 милиони денари пренасочени за покривање на трошоците за платено политичко рекламирање“: ДЗР со бројни забелешки за работењето во ДИК

Државниот завод за ревизија направил ревизија на работата на Државната изборна комисија (ДИК) за 2024 година, при што констатирал неправилности и утврдил системски слабости.

При ревизијата било утврдено дека пописот на средствата и обврските не е извршен на начин пропишан со законските и подзаконските акти, дека не била извршена процена на вредноста на дел од недвижностите, како и дека планирањето и одобрувањето на средствата за спроведување на изборите во 2024 година не се вршеле во согласност со законски утврдениот сооднос.

Државниот завод за ревизија утврдил и ненавремено и некомплетно доставување на потребната документација за трошоците за спроведените изборни дејства на изборните органи, набавка на стоки и услуги за кои не е спроведена јавна набавка, како и недоследна примена на одредбите од Законот за јавните набавки во одредени постапки.

Како системски слабости ДЗР во извештајот ги наведува усогласувањето на законите, кои ги уредуваат оданочувањето на изборните активности и преиспитувањето на начинот на распределба на средства за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи. 

Во извештајот се посочува и дека документацијата поврзана со трошоците за изборните активности често била доставувана доцна и во нецелосна форма. Дополнително, биле евидентирани набавки на стоки и услуги без спроведена постапка за јавна набавка, како и недоследна примена на Законот за јавни набавки.

Ревизијата открила отстапувања и во распределбата на средствата утврдени со член 88 од Изборниот законик. Наместо законски предвидените 33,33 проценти за платено политичко рекламирање, при планирањето биле предвидени 50 проценти, додека за останатите изборни активности наместо 66,67 проценти биле распределени исто така 50 проценти. Во крајната реализација, 43 проценти од средствата биле искористени за политичко рекламирање, а 57 проценти за други изборни активности.

Како резултат на ваквите отстапувања, 129,4 милиони денари, кои првично биле наменети за други изборни дејствија, биле пренасочени кон покривање на трошоците за платено политичко рекламирање на учесниците во кампањите.

Ревизорите предупредуваат и на пошироки системски слабости, нагласувајќи ја потребата од подобро усогласување на законската рамка за оданочување на изборните активности, како и ревидирање на моделот за распределба на средствата за политичко рекламирање.

Во делот на јавните набавки, ревизорите констатирале дека се набавувале стоки и услуги без да се спроведе законска постапка, како и недоследна примена на Законот за јавни набавки. Ова, според извештајот, го нарушува принципот на транспарентност и еднаков третман на понудувачите.

Посебно е посочена и спорната набавка на софтвер за обработка на изборни резултати, каде што условите не биле јасно дефинирани, а договорот бил потпишан пред да се обезбеди банкарска гаранција.

Ревизорите укажуваат и на организациски слабости, меѓу кои и фактот дека во текот на најголемиот дел од 2024 година институцијата немала генерален секретар, што влијаело врз координацијата и управувањето со административните процеси.

Дополнителен ризик претставува и нерешеното прашање со складирањето на изборниот материјал. Комисијата долго време немала соодветен магацин, што отвора можност за несоодветно чување и потенцијално оштетување на чувствителна опрема, вклучително и уредите за биометриска идентификација.

И покрај утврдените слабости, ревизорите нотираат дека дел од претходно дадените препораки остануваат неспроведени или само делумно реализирани, што укажува на континуитет на проблемите во работењето. Од вкупно девет препораки од претходната ревизија, само една е целосно исполнета.

Во насока на надминување на состојбите, Државниот завод за ревизија дал повеќе препораки, меѓу кои усогласување на законската рамка за финансирање на изборите и преиспитување на моделот за распределба на средствата за политичко рекламирање.



Слично

Поврзани вести