УНИВЕРЗИТЕТСКА ПРОФЕСОРКА И АДВОКАТКА: Еве кои се предложените Јошевска Анастасовска и Кадри Шахиновиќ за членови на Судски совет
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова до Собранието достави предлози за двајца нови членови на Судскиот совет – адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ.
Со овој потег, по подолг период на застој, се очекува да бидат пополнети двете места во Судскиот совет што ѝ припаѓаат на шефицата на државата, по стапувањето во сила на новиот Закон за Судскиот совет.
Од Кабинетот на претседателката претходно најавија дека предлозите ќе бидат доставени по истекот на законскиот рок („vacatio legis“), што сега и официјално се реализира.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со долгогодишна академска кариера и претходен ангажман како член на Комисијата за помилување. Таа беше и претседавач на Комисијата за жалби при Фудбалската федерација на Македонија, при што, според достапните информации, нејзиното именување не било изгласано на Управен одбор, туку било донесено со одлука на Комитетот за итност.
Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка со повеќегодишно искуство, најмногу во областа на кривичното право. Таа беше дел и од советодавниот тим на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Судскиот совет брои 15 члена – осум ги избираат судиите од своите редови, тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство, двајца ги предлага претседателот на државата, а двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат без право на глас.
Се очекува предлозите да влезат во собраниска процедура од понеделник.
Во новогодишното интервју за МТВ, претседателката Силјановска-Давкова најави дека ќе предложи „две жени реформаторки“ – професорка и адвокатка со висок углед во правничката фела.
