Скопје одбележува две години од поплавите
Скопје денес ќе одбележи две години од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица, од реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново, кога на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер.
По тој поводградоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, под мотото „Да не се заборави и никогаш да не се повтори“, вечер на плоштадот во Стајковци ќе додели повеќе од 200 благодарници на институции, јавни претпријатија, фирми, здруженија, на граѓани и волонтери кои доброволно помогнаа за време на поплавите.
„На денот кога се навршуваат две години од катастрофалната поплава во Стајковци и околината за сите учесници кои придонеле на каков било начин во справувањето со поплавата, на симболичен начин првпат сакаме да им се оддолжиме давајќи благодарница за нивната помош и пожртвуваност“, соопштија од Општината.
Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.
Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции помогнаа во собирање на најнеопходната помош за настраданите. Околу илјада граѓани беа евакуирани, а 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.
Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид - главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.
„Своевиден метеоролошки феномен кој опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години“, стоеше во соопштението на УХМР.
