ОДЗЕМЕНИОТ ИМОТОТ НА МИЈЛАКОВ НА ПРОДАЖБА - Ќе се најде ли купец за овие недвижнини?!
Одземениот недвижен имот на поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков денеска се продава.
Имено, како што објави Агенцијата за управување со одземен имот денеска од 9 до 12 часот се продава дел од одземениот недвижен имот на Сашо Мијалков конфискуван во предметот „Империја“.
Имотот ќе се продава по пат на електронско јавно наддавање.
- Право на учество на јавното наддавање по електронски пат имаат сите физички и правни лица, освен осуденото лице од кого е конфискувана недвижноста, вработените лица во Агенцијата за управување со одземен имот, како и друго лице кое службено учествувало во постапката за продажба - гласи еден од условите во огласот објавен од страна на Агенцијата за управување со одземен имот.
Агенцијата за управување со одземен имот претходно успешно ја спроведе и реализира продажбата на вкупно три одземени недвижности од поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање согласно правосилната пресуда за случајот „Империја“.
- Станува збор за три недвижности кои согласно правосилната судска предуда КОК - ПП бр. 283/2022 се одземени од Сашо Мијалков. Реализираните парични средства од продажбата ќе го зголемат државниот буџет во вкупен износ од 15.000.500 денари или 244 000 евра - информираа од Агенцијата.
Во јули годинава на аукција на берза беа ставени и запленети акции на Мијалков.
Во случајот „Империја“, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.
