Економија, финансии, бизнис

Контакт

Одбележување на Бадник во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје

Одбележување на Бадник во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје

Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска од 10 часот ќе почне одбележувањето денот пред раѓањето на Исус Христос – Бадник.

Покрај бадниковата химна, во изведба на Силви Бенд, ќе биде подигнато и бадниковото знаме, а ќе бидат осветени и бадникови гранчиња.

Во 10:15 часот ќе се пречекот на бадникарските кумови за 2023 година, Мојсо Мојсовски и Марко Илковски јуниор со бадниковата погача и здравичарот Иванчо Стефков.

Во 10:30 ќе се одржи пречек на ланските кумови Драган Спасов Дац и Александар Митевски со сопругите и Бадникарскиот ќуп.

По ова во Соборниот храм тие ќе имаат куса средба со архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој ќе ја благослови погачата.

На бината, потоа, свое обраќање ќе имаат сите учесници од манифестацијата и ќе се изврши примопредавањето на Бадникарскиот ќуп, по што новите кумови ќе бидат испратени до пајтонот.

На настанот е најавено присуство и на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалниците на Општина Сопиште, Стефче Трпковски, и на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Министерството за внатрешни работи, вчера информираше дека поради ова одбележување сообраќајниците околу соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, денеска од 10 часот ќе бидат затворени за сообраќај.

– Поради најавено одржување на настан за одбележување на Бадник во Скопје, од 10 часот, па сѐ до завршување на настанот, за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајниците околу соборниот храм „Св.Климент Охридски“ и тоа од објектот на „Пошта на РСМ“ до крстосницата кај Соборниот храм и од крстосницата кај Соборниот храм, до зградата на Владата на РСМ, се вели во соопштението на МВР.

Оттаму велат дека Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот, како и мерки за посебен режим на сообраќајот на околните сообраќајници. 

По двегодишна пауза поради пандемијата на Ковид-19, денеска во периодот од 10 до 12 часот во вкупно 62 градови и населени места во земјава илјадници деца ќе чекорат во бадникови поворки на радоста и пеејќи ја ангелската песна „Вечниот Бог” ќе го најавуваат Христовото Раѓање.

Најголемата бадникова манифестација ќе започне во Скопје во 11 часот со празничен концерт на Градскиот плоштад „Македонија” каде што сите деца со нивните семејства ќе бидат пречекани со настапите на Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Златно славејче, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм) и Пере (Нокаут).

Водители на настанот ќе бидат детски ѕвезди: Марија Јанчевска и Јован Дукмеџиев.

После концерт, ќе се оформи бадникова поворка што преку Камениот мост ќе тргне кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, каде што сите коледарчиња ќе бидат дочекани и дарувани од неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

Свечени бадникови поворки со стотици деца ќе се организираат и во Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св.Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебарца, Враништа, Ростуше, Јанковец, Могила, Драслајца, Брвеница, Вратница, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Удово, Јосифово, Пирава, Грчиште, Марвинци, Балинци, Брајковци, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево, Бардовци…

Во сите поголеми градови во Македонија, исто како и во Скопје, поворката ќе биде крунисана со празнични концерти на пригодни божиќни песни во кои учествуваат локални ѕвезди и хорови. 

Слично

Поврзани вести