НА ДЕКЛАРАЦИЈА ЕДНО, ВО СОСТАВОТ ДРУГО: АХВ открила разлики меѓу декларациите и реалниот состав на месните производи
По контролите во млечната индустрија, инспекциите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се прошириле и во месната индустрија. Првичните резултати укажуваат на отстапувања во квалитетот и декларирањето кај дел од производите. Директорот на АХВ, Оливер Миланов, за „Слободен печат“ изјави дека лабораториските испитувања откриле разлики меѓу декларираниот и реалниот состав кај повеќе примероци, а по завршување на постапките јавноста ќе биде целосно информирана.
Во рамки на контролите биле земени вкупно 46 примероци од месни производи и преработки. Анализите покажале отстапувања во процентот на вода, протеини и масти, како и неправилности во задолжителните информации на декларациите согласно законската регулатива. Отстапувањата се однесуваат на Правилникот за квалитет на мелено месо, подготовки од месо и месни производи, а се очекува финализирање на постапките и објавување на резултатите.
Според Миланов, инспекциските контроли покажуваат дека проблемот не е ограничен само на млечната индустрија. Кај дел од месните производи утврдени се разлики меѓу декларираниот и реалниот состав, како и недостатоци во означувањето. Во претходни контроли биле утврдени и случаи на присуство на ДНК од друг вид месо од оној наведен на декларацијата, што отвора сомнежи за несоодветно декларирање.
Од АХВ посочуваат дека редовните контроли откриваат и производи со поминат рок, без декларација или со неправилно означување. Иако не секој случај значи намерна измама, ваквите прекршоци се регистрираат и санкционираат секоја година.
Голем дел од контролите се однесуваат и на увозот на месо. Секоја пратка прво поминува документарна проверка на ветеринарно-здравствени сертификати и потекло, а потоа и гранична инспекција, физички преглед и по потреба лабораториски анализи за патогени, лекови и забранети супстанции. За одредени пратки се вршат и тестирања за болести како африканска свинска чума.
Контролите продолжуваат и по пуштањето на производите во промет, при што се земаат мостри кај увозниците. Доколку се утврди дека месото не ги исполнува стандардите, пратката се враќа или уништува.
Во текот на минатата година биле санкционирани шест оператори од месната индустрија, а изречена е и една привремена забрана за работа. Во другите случаи биле издадени глоби поради неправилно означување.
Според директорот на АХВ, постојат индиции дека дел од операторите повторуваат прекршоци, поради што се разгледуваат законски измени за построги санкции, вклучително и можност за привремено одземање на дозволата за работа до три години за повторени прекршувања.
Од АХВ порачуваат дека неточното декларирање и манипулациите со составот на храната нема да бидат толерирани, а финалните резултати од тековните анализи ќе бидат објавени по завршување на сите постапки.
