Максим Димитриевски се сретна со Никола Стојановски: Аманет ни оставија нашите баби и дедовци да ја чуваме државата, да продолжиме по тој пат и никако поинаку
„Чест ми е што вечерва имав можност да го сретнам почитуваниот Никола Стојановски, на еден ден пред нашиот голем празник 11 Октомври - Денот на народното востание. Стојановски е личност од која мора сите да учиме за грижата кон државата. Тој е претседател на Главниот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ, истакнат антифашист, кој е заслужен за тоа што денеска имаме слободна и независна Македонија“, напиша градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, кој присуствуваше на централното одбележување на Денот на народното востание во Прилеп.
Тој исто така вели дека е горд на целата таа генерација која се избори за слобода во тие моменти против бугарскиот фашистички окупатор.
„Нашите предци, баби и дедовци се изборија денеска да имаме своја држава, но исто така ни оставија и аманет на нас, помладата генерација да се грижиме и да ја чуваме Македонија. Мојата заложба е да продолжиме по тој пат и никако поинаку. Да се гоордеме со македонската историја, со нашите народни херои и низ демократски процеси државата да ја придвижуваме кон Европската унија, во семејството кадешто припаѓаме“, стои во текстот.
