Левица ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на ДКСК
Пратеничката група на Левица денеска информираше дека ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.
Оттаму информираат дека предлогот ќе го поднесат преку пратеникот Борислав Крмов како член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања.
Според партијата, недозволиво е Собранието да биде пасивно и да чека претседателката на ДКСК самата да поднесе оставка од морални причини, кога против неа се водат две кривични истраги и таа повеќе од два месеци не доаѓа на работа.
„При постапката за избор на претседател за Антикорупциска комисија, секој кандидат мора да поднесе уверение дека против него не се води кривична постапка. Овој принцип мора да важи во текот на целиот мандат и претставува основ Собранието да ја разреши претседателката Татјана Димитровска, како надлежно тело што го врши изборот и разрешувањето на составот на ДКСК“, велат од Левица.
Од партијата посочуваат дека од самиот момент кога Димитровска доби статус на осомничена во „Адитив“ побарале оставка и од целокупниот состав на ДКСК, зашто е целосно компромитиран и нарушен интегритетот за работа на ова тело.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во Собранието нема да иницираат разрешување на претседателката на Антикорупциската комисија.
Рече дека има поединци кои од политиката прават естрада и порача дека постои морална одговорност.
