ЈАС СУМ ЗАДОВОЛЕН ОД ПЛАТАТА, БИДЕЈЌИ ОД НЕА НЕ ЖИВЕАМ: Димитриевски вели паметно инвестирал
Коментирајќи ги најавите за намалување на платите на функционерите, градоначалникот Максим Димитриевски во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека нема ништо против ваква мерка, но укажа дека дел од функциите носат сериозна одговорност и ризик.
„Немам проблем да се намалат платите, но има луѓе кои носат огромна одговорност. Потпишуваат документи кои подлежат на кривична одговорност и тоа мора да се има предвид“, рече Димитриевски.
Зборувајќи за својата лична состојба, тој нагласи дека не зависи од платата што ја прима како функционер.
„Не сакам да бидам погрешно разбран, јас сум бил и сум задоволен од платата која ја примам, бидејќи од платата не живеам. Се занимавам со приватен бизнис од 1998 година, поради политиката го оставив тоа. Работев во странство, инвестирав и реинвестирав и од политиката не живеам“, истакна Димитриевски.
Тој додаде дека токму поради тоа се чувствува слободен јавно да го искаже своето мислење.
„Затоа сум слободен секому да му кажам тоа што мислам“, порача Димитриевски.
