АКО НАПРАВАТ СООБРАЌАЈКА, ВОЗАЧИТЕ НА АВТОБУСИТЕ САМИ ЌЕ СИ ПЛАЌААТ КАЗНИ: Нема веќе пари од државните претпријатија
Возачите на автобусите на ЈСП и на возилата на другите јавни претпријатија во Скопје отсега лично ќе одговараат за сторените сообраќајни прекршоци, најави денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тој истакна дека казните повеќе нема да се плаќаат од буџетите на јавните претпријатија, туку директно од возачите што ги направиле прекршоците.
Со новиот систем, возилата нема да можат да се користат без персонализирана возачка картичка, со што во секој момент ќе може точно да се утврди кој управува со возилото. Доколку, пак, не може да се идентификува возачот, одговорноста ќе ја сноси шефот на возниот парк.
Покрај ова, Град Скопје ќе воведе и дополнителни контроли преку инсталирање мерачи на потрошувачка на гориво и ГПС-уреди во возилата. Системот автоматски ќе алармира при секое отстапување, дури и од еден литар гориво, со цел да се спречат злоупотреби и кражби на нафта, кои, според градоначалникот, со години претставувале сериозен проблем.
Мерките, како што нагласи Ѓорѓиевски, имаат за цел воведување ред, поголема одговорност и целосна контрола во работењето на јавните претпријатија во Скопје.
