Зошто во овој град сладоледот чини 30 долари?
Можеби изненадувачки, но еден од најскапите градови во светот е Луанда, главниот град на Ангола. Во обид да ја поттикне и да ја развие сопствената економија, оваа земја богата со нафта драстично ги зголеми давачките за увозни производи, што предизвика огромен раст на цените.
Пред воведувањето на новите давачки, сладолед од ванила од увоз во Ангола се продавал за 25 американски долари, што е висока цена. Но, откако царините биле зголемени, таа уште повеќе пораснала - на 31 долар (околу 1500 денари), што предизвика промени во навиките за купување дури и кај поимотните жители на оваа земја.
Ангола инаку е втор најголем производител на нафта во Африка и земја која уште се опоравува од 27-годишната граѓанска војна што заврши во 2002 година. Дури 3/4 од вкупниот број на производи Ангола мора да ги увезува.
Претседателот Хозе Едуардо дос Сантос, кој со земјата управува од 1979 година, минатиот месец ги зголеми царините за стотици производи - од лук па до автомобили. Тврди дека целта му е да ги развие другите индустриски гранки и земјоделството во земјата за да ја намали зависноста од увоз и од нафтените приходи.
За дел од производите, како што се овошјето и зеленчукот, царинските стапки изнесуваат дури 50%. Овој потег наиде на критики кај експертите кои сметаат дека на овој начин само ќе се зголемат разликите меѓу богатите и сиромашните во Ангола.
Просечната месечна плата во Ангола во 2010 година била 260 американски долари, во финансискиот сектор таа е 10 пати поголема, додека во нафтената индустрија достигнува и до 5.400 долари.
Слично
