Зошто кошмарот на Samsung треба да го плаши Apple?
Кошмарниот проблем на Samsung Electronics со смартфонот Note 7 ќе влијае на продажбата и на престижот на марката, но резултатот можеше да биде полош, ако тоа му се случеше на Apple Inc., пишува MarketWatch.
Калифорнискиот концерн е многу позависен од своите мобилни уреди отколку Samsung од своите телефони и таблети од серијата Galaxy, открива анализа на последните корпоративни извештаи на двете компании.
Приходите на единицата на Samsung за информатичка технологија и мобилни комуникации, која ја вклучува и линијата Galaxy, формираат 52% од вкупната продажба на компанијата во последниот квартал
Истовремено, само смартфоните iPhone генерира 57% од вкупната продажба на Apple во минатото тримесечје. Овој удел се зголемува до 67%, ако се вклучат и таблетите iPad, што би овозможило за попрецизна споредба.
Бизнис моделот на Apple во моментов е силно зависен од мобилни уреди, иако компанијата направи некои превземања и назначувања во последната година кои сигнализираат дека се обидува да го прошири портфолиото во области како телевизија, паметни автомобили и проширена реалност.
Компанијата диверзифицира и услуги, откако приходите од апликации и услуги како Apple Care и Apple Music излегоа пред приходите од продажба на компјутерите Mac за прв пат оваа година и станаа вториот главен извор на приходи за Apple по iPhone. Растот кај услугите сепак зависи од тоа уредите да работат правилно.
Од друга страна, Samsung има силно диверзифициран бизнис, кој вклучува „паметни“ уреди како фрижидери, како и телевизори и чипови. Минатото тримесечје бизнисот со полупроводници формирал 23,5% од вкупните приходи. Единицата за електроника која вклучува дигитални апарати, принтери и медицинска опрема, генерира 23% од продажбата.
Иако запирањето на производството на смартфонот Note 7 може привремено да го „уништи“ профитот во делот за мобилни телефони, аналитичарот од Macquarie Research, Даниел Ким, гледа „мала колатерална штета“ за пододделенијата на Samsung за компоненти.
Според Ричард Виндзор, аналитичар во Edison Investment Research, вкупните трошоци само за повлекувањето од пазарот ќе чинат помеѓу 2 и 2,5 милијарди долари. Тука не се пресметани потенцијалните загуби поврзани со пренасочувањето на клиентите кон конкурентите, или трошоците околу истрага од регулаторните органи.
Самата Samsung Electronics веќе ја намали прогнозата за својот оперативен профит за третото фискално тримесечје за 2,3 милијарди долари.
Едно нешто сепак тешко може да се измери и тоа е како проблемот со самозапалувањето на Galaxy Note 7, чие производство Samsung го прекина оваа недела по серијата инциденти, ќе влијае на брендот. Аналитичарот од CFRA, Анџело Заино смета дека тоа може „да натежне на пуштањето на нови производи во иднина“.
Виндзор очекува Samsung да отстапи удел на конкурентите, кои исто така го користат оперативниот систем Android, како Google, која неодамна го претстави својот паметен телефон Pixel.
- Вистинското прашање е во врска со брендот и угледот, коментира Виндзор.
Samsung можеше да се справи со кризата подобро ако ги повлечеше телефоните порано, како и започнеше сопствена истрага, смета Роб Франкел, кој е независен брендинг стратег.
Во 2013 година, Boeing Co. беше принуден да ја „спушти“ привремено целата своја флота од авиони 787 поради проблем со акумулаторите и се справи многу подобро со кризата од Samsung, откако беше проактивна и спроведе внатрешна истрага, која на крајот доведе до некакво решение, вели тој. Корисниците сепак имаат кратка меморија и обичај да простуваат.
- Катастрофи со одреден производ не се толку ретки за брендовите, коментира Франкел.
- Повеќето од нив, верувале или не, не доведуваат до никакви трајни оштетувања. Мора да бидете доста злобни или да предизвикате многу штета, за да не ви прости општеството, додава тој.
