Зошто Франција издаде налог за апсење на Башар ал Асад?
Француски суд издаде налози за апсење на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, заедно со уште шест други високи поранешни сириски функционери, поради убиството на двајца новинари за време на бомбардирањето на град под контрола на бунтовниците во 2012 година, објавија француските медиуми.
Мари Колвин (56), Американка која работеше за „Сандеј тајмс“ во Велика Британија, и францускиот фотограф Реми Ошлик (28), беа убиени во експлозија во источниот град Хомс на 22 февруари во 2012 година.
Нападот беше насочен кон прес-центар каде што работеа и британскиот фотограф Пол Конрој, француската новинарка Едит Бувие и сирискиот преведувач Ваел Омар, објави „Џерусалем пост“.
„Издавањето на седум налози за апсење е одлучувачки чекор што го отвора патот за судење во Франција за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени од режимот на Башар ал-Асад“, изјави за „Ле Монд“ Клеманс Бехтарт, адвокат на Меѓународната федерација за човекови права (FIDH) со седиште во Париз и родителите на Реми Ошлик.
Истрагата јасно утврди дека нападот врз импровизираниот прес-центар бил дел од експлицитната намера на сирискиот режим да ги таргетира странските новинари со цел да го ограничи медиумското покривање на неговите злосторства и да ги принуди да го напуштат градот и земјата.
Покрај Асад, налозите се насочени и против неговиот брат Махер ал-Асад, поранешниот шеф на разузнавањето во Сирија, Али Мамлук и тогашниот началник на Генералштабот Али Ајуб.
Асад лани избега во Москва каде доби азил откако бунтовниците го соборија од власт.