Зошто е важна источна Украина?
Регионот Донбас, кој е средиште на новите немири во Украина, не е голем по површина. Но за Киев е важен бидејќи е исклучително богат со јаглен, а за Москва - затоа што е седиште на фирмите кои произведуваат суровини за руската вселенска и воена индустрија.
Во источниот регион е индустриското срце на Украина. Тука се наоѓа јагленокоп, кој се протега се до руската територија и е четврти по големина во Европа. Резервите на јаглен во него се проценети на околу 10 милијарди тони, објави Дојче веле.
Областа околу градот Доњецк зазема само пет проценти од територијата на Украина, таму живее 10% од украинското население, но се создаваат дури 20% од брутодомашниот производ на целата земја и една четвртина од извозот на Украина. Во остатокот на земјата доминира земјоделството.
Иако од 80-тите години се смета дека јагленокопот е скап, непрофитабилен и вештачки се одржува, сепак постои загриженост за можноста Русија да ја анектира оваа област по примерот на Крим.
Донбас е важен и за Русија, затоа што некогаш бил центар на советската тешка индустрија. Треба да се знае дека и денес 12 видови руски интерконтинентални балистички ракети се произведуваат во источниот украински град Дњипропетровск, а таму се и резервните делови за нив и одржувањето, пишува Дојче веле.
Во Донбас се произведува и специјален челик за руските тенкови, а повеќето руски борбени хеликоптери летаат со мотори од Запорожје. Источно украинските фирми се всушност зависни од побарувачката од Русија бидејќи огромен дел од нивните производи се направени специјално за рускиот пазар и немаат друга алтернатива.
Ваквиот извоз е важен за цела Украина, затоа што претставува важен извор на приходи за Киев, особено сега кога земјата е на работ на банкрот.
Слично
