Зошто БРИКС молчи за војната во Иран?
Откако Индија го презеде претседателството со сојузот од 11 земји што се залага за мултиполарен свет минатиот декември, „гласот на колективниот Југ“ молчеше за кризата на Блискиот Исток.
Русија го осуди нападот на САД и Израел врз Иран. Истото го стори и Кина. Бразил повика на мир, а Јужна Африка понуди да посредува во конфликтот. Но, БРИКС, како симбол на мултиполарниот свет, беше очигледно тивок.
Поминаа повеќе од десет дена откако САД и Израел почнаа воздушни напади врз Иран во кои беше убиен врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, предизвикувајќи една од најголемите кризи во Персискиот Залив, а алијансата од 11 земји што се претставува како „колективен глас на Југот“ сè уште не издаде ниту едно заедничко соопштение.
Но, ова молчење не е случајна дипломатска грешка. Војната на Блискиот Исток всушност ги разоткрива сегашните граници на БРИКС, чиј член е Иран, како глобален актер. Економскиот блок што претставува 40 проценти од човештвото и 39 проценти од глобалниот бруто домашен производ не може да се игнорира, но иранската криза покренува сомнежи дали овој амбициозно замислен сојуз може да биде повеќе од „клуб за дебата“, особено кога неговите членови се практично во војна, објавува Политика.
Олеснителна околност за неактивноста може да се земе фактот што БРИКС не е структуриран како државните заедници како што се ЕУ или НАТО. Алијансата нема заеднички секретаријат или механизам за донесување брзи политички одлуки. Мандатот на оваа организација, основана од Русија, Кина, Индија, Бразил и Јужна Африка, во меѓувреме се прошири и вклучува безбедносни прашања. Членовите, исто така, почнаа да спроведуваат заеднички воени вежби. Последните маневри ги организираше Јужна Африка во јануари оваа година, во кои Индија, иако претседаваше со БРИКС, не учествуваше.
Според лондонскиот „Мидл Ист Монитор“, војната во Иран е „стрес-тест“ за БРИКС. Таа покажува дека мултиполарноста повеќе не е само теорија за алијансата, туку реалност што го одразува недостатокот на заеднички морален и политички став.
Кога избувна дванаесетдневната војна меѓу Израел и Иран во јуни минатата година, БРИКС, тогаш претседаван од Бразил, издаде соопштение во кое се вели дека заедничките напади на САД и Израел врз Иран се кршење на меѓународното право. Сепак, откако претседателството со алијансата беше префрлено на Индија во декември минатата година, интересите на Њу Делхи се чини дека ги надвладеаја целите на алијансата. Од основачите на БРИКС, само Индија не ги осуди отворено нападите врз Иран, веројатно затоа што не сака да ги наруши добрите односи со САД и Израел.
foto printskrin youtube