„ЖОЛТ КАРТОН“ ЗА ОРБАН: EУ му реагира за посетите во Русија и Кина
Остри критики и реакции има за унгарскиот премиер Виктор Орбан откако изминатиот период на своја рака оствари посета на Москва каде се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа беше во ненајавена посета на Пекинг каде со кинескиот претседател Си Џинпинг разговараше за војната во Украина.
Во дел од реакциите на европските лидери изрично се нагласува дека ротирачкото претседателство со ЕУ нема мандат да се занимава со Русија.
Посетата на Орбан на Русија, која тој ја опиша како „мировна иницијатива“, ја продолжи и со средба со републиканскиот кандидат за претседател Донал Трамп на неговиот имот на Флорида во вилата Мар а Лаго во време додека тој престојуваше во Вашингтон каде се одржуваше историскиот самит на НАТО Алијансата.
Амбасадорите на ЕУ во Брисел се состанаа на 10 јули за да разговараат за посетите на Орбан на Русија и Кина, како и за иднината на унгарското претседавање со ЕУ.
Тие го осудија Орбан за користење на симболот на ЕУ за време на посетата, велејќи дека му наштети на единството на 27-те земји и постапи спротивно на договорите.
Изразија нелагодност од дипломатските посети на Унгарија од почетокот на нејзиното претседавање.
Опишувајќи ги постапките на Орбан како „кршење на правилата“, амбасадорите ја истакнаа обврската на земјата која претседава со Советот на ЕУ, која нема овластувања за надворешна политика, да соработува со другите земји-членки.
Унгарија тврди дека Орбан посетите не ги вршел во име на ЕУ, туку исклучиво во својство на унгарски премиер, со цел да се проценат можностите за прекин на огнот во војната меѓу Русија и Украина.
foto Facebook.com/Viktor Orban
