ЖИТЕЛИ НА ЗАПОРОЖЈЕ: Продажбата на Украина не е успех
Жителите на украинскиот град Запорожје, кој се наоѓа на линијата на фронтот, стравуваат дека плановите на aмериканскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната претставуваат предавство на Украина, јавува „Би-Би-Си“.
„Многу се зборува за тоа дека Трамп ја предал Украина, а тоа изгледа многу лошо за нас“, рече Олександр Бездинов.
Вели дека состојбата е лоша.
„Можете да се обидете да најдете нешто позитивно, но според она што го гледате во вестите, ситуацијата е катастрофална. Не гледам што ќе постигне Трамп ако заврши вака. Продажбата на Украина не е успех“, додаде Бездинов.
Викторија Мохалова, психолог од Запорожје, е скептична за какви било потенцијални договори меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
„Ако е вистина дека Трамп и Путин склучуваат договори, тоа значи дека сме распродадени. Загрижена сум што Трамп покажува таков бесрамен презир кон меѓународното право. Путин е криминалец“, изјави Мочалова за Би-Би-Си.
Од друга страна, Ана Холовченко, ИТ експерт од Запорожје, има малку пооптимистички став.
„Тој зборува многу, а малку прави на дело. Не е убаво да се слушне што рекол, но таков е. Ќе треба само да почекаме и да видиме што ќе се случи. Јавните изјави и меѓународната политика се две сосема различни работи”, додаде Холовченко.
Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари 2022 година.
