„ЗИМСКИ ГУМИ“- ГЕРМАНИЈА ВОВЕДУВА НОВИ МЕРКИ: Целта е подобра заштита од есенскиот бран на ковид
Германската влада воведува нови мерки и нови правила во
борбата против коронавирусот. Целта е подобра заштита од нов бран на инфекции
во есенските месеци. Се најавува и пуштање четири нови вакцини на пазарот, пишува денеска Дојче веле.
Министерот за правда Марко Бушман (ФДП) и министерот за здравство Карл Лаутербах (СПД) ги презентираа плановите на Владата за промена на законот за заштита од инфекции. Ова се правила за поуспешна борба против коронавирусот во претстојните есенски и зимски месеци.
Мерки од 1 октомври 2022 до 07 април 2023 година.
Планот предвидува постепено воведување мерки во зависност од состојбата во државата. Под името „зимски гуми“ се наведени мерките кои ќе важат од 1 октомври годинава до 7 април 2023 година – без разлика на инциденцата. Во оваа група мерки, е носење FFP2-маски во воздушниот сообраќај, во брзите возови, односно задолжително тестирање пред влез во болници и слични установи - освен ако некој не бил вакциниран или прележал корона вирус пред повеќе од три месеци.
Во случај на влошување на ситуацијата, на сила стапуваат нови мерки, Германија ќе воведе „зимски синџири“. Сојузните провинции можат да воведат обврска за носење FFP2-маски во јавните институции, односно во ресторани, културни институции или каде што луѓето се собираат за време на слободното време. Предуслов за воведување на овие мерки е одлуката на надлежниот парламент.
Новите правила би можеле да бидат усвоени од Бундестагот на почетокот на септември. Бундесратот (Горниот дом) би гласал за нив на 16 септември, така што новите правила би стапиле во сила пред истекот на важечките. Засега не е јасно дали покраините ќе го поддржат владиниот концепт. Од сојузната влада може да се слушне дека засега нема забелешки за планираниот пакет мерки.
Нема затворања на училишта
Целта на федералната влада е земјата да ја „преброди“ следната пандемисака зима без ново затворање и забрана за излегување на граѓаните на улица. „Наместо тоа, ние се фокусираме на мерки кои се ефективни и во исто време прифатливи“, вели Бушман. „Повеќе не сметаме дека затворањето на училишта е соодветен потег.
Лаутербах додаде дека во текот на зимата се очекува „релативно тешка состојба“ поради многу заразната варијанта на коронавирусот. Сигурно е дека во текот на есента ќе се бориме со една омикронска мутација“, нагласи министерот за здравство. „Ќе имаме многу случаи, но тие нема да бидат толку смртоносни како варијантата на делта.
Нови вакцини и Паксловид
Лаутербах рече дека наскоро очекува четири нови вакцини кои најрано на 9 септември би можеле да добијат „зелено светло“ од надлежните институции. Новите вакцини би биле поефикасни за заштита на граѓаните од инфекции, а не само за спречување на потешки форми на болеста. А тука е и Paxlovid, лек кој значително ја намалува стапката на смртност од коронавирус.
„Генерално, сега сме во многу подобра ситуација отколку минатата есен“, вели Лаутербах.
ФОТО: EPA