Жени и деца помеѓу имигрантите стануваат предмет на сексуално насилство
Жени и деца помеѓу имигрантите кои патуваат за Европа, станале предмет на сексуално насилство, предупреди во Женева портпаролката на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) Мелиса Флеминг, повикувајќи се на веродостојни информации.
„Во последно време овие сведоштва стануваат се повеќе и ние ја испитуваме скалата на ова насилство“, изјавила Флеминг, цитирана од агенциите.
УНХЦР сепак реши да алармира уште сега и да изврши притисок врз сите засегнати држави од феноменот да се борат со насилството, додала таа. Децата и жените претставуваат речиси една третина од стотиците илјади мигранти кои доаѓаат со месеци во Европа, бегајќи од војната во Сирија, во Ирак или Авганистан.
Според Флеминг слични насилни дела имало најмногу на грчкиот остров Лезбос, каде има многумина од бегалците кои пристигнуваат од Турција. „Луѓето спијат во парковите, чекаат на границите со часови и се во многу ранлива позиција“, изјавила портпаролката. „Деца кои патуваат сами, се наоѓаат без пари и им плаќаат на посредниците со сексуални услуги“, додала таа.
Имало и случаи со жени кои прифатиле да извршат сексуални услуги на шверцери, а потоа не биле качени на чамците за Европа.
Овие жени и деца се жртви на криминални банди, кои ги искористуваат луѓето во ранлива позиција. Актите за сексуално насилство се пријавени од страна на сите земји низ кои мигрантите минуваат на пат кон Европа, изјавила Флеминг.
