Жената која е уапсена за убиството на Татарски претходно ја апселе на антивоени протести
За руските власти, убиството на воениот известувач Владлен Татарски е терористички чин.
Како што вели портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, за инцидентот веднаш e информиран претседателот Владимир Путин.
„Постојат докази, судејќи според соопштението на Националниот антитерористички комитет, дека во планирањето на овој терористички напад можеби биле вмешани и украинските специјални служби и секако, се работи за терористички напад“, повтори Песков, пренесе ТАСС.
Како што се наведува, нападот го планирале „специјалните служби на Украина со учество на агенти од редовите на лица кои соработуваат со таканаречениот Фонд за борба против корупцијата на Навални, чиј активен поддржувач е притворената Дарија Трепова“, објави РИА Новости.
Гувернерот на Санкт Петербург, Александар Беглов изјави дека извршителите на бомбашкиот напад на кафулето во тој град, каде што е убиен воениот известувач Владлен Татарски, се обидувале да посеат паника меѓу населението, но дека нема да успеат.
Дарија Трепова е идентификувана преку снимката од видео надзор и откако по неа била распишана потерница, набрзо е уапсена. Трепова била приведена на антивоен митинг на 24 февруари 2022 година. Таа е мажена, но како што велат нејзините пријатели, само на хартија со Дмитриј Рилов. Рилов е член на петербуршкиот огранок на Слободарската партија, од каде изјавија дека е во егзил надвор од Русија и дека нема никаква врска со експлозијата. Двајца пријатели на Дарија Треповина изјавија дека таа не ја поддржува војната во Украина, но и дека нема „радикални ставови“. За потсетување, руската инвазија на Украина почна лани на 24 февруари. Со месеци, руските и украинските сили војуваа за градот Бахмут. Иако се очекуваше дека Украина ќе капитулира за неколку дена, тоа не се случи. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека мир со Русија е можен со победа на Украина на бојното поле.