Земјотрес од 6,1 степени по Рихтер ја потресе источна Индонезија
Силен земјотрес со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала ја потресе Источна Индонезија, соопшти Американскиот геофизички институт. Засега нема издадено предупредување за цунами.
Во моментов не се соопштува за жртви и сериозни разурнувања, забележува „Франс прес“.
Епицентарот на потресот е регистриран во морето крај островот Бабар на длабочина 67 километри. Земјотресот е почувствуван во Саумлаки, најблискиот град до епицентарот.
„Ние го почувствувавме потресот, кој беше со времетраење од околу 25 секунди“, коментира функционер на локалната Геофизичка служба.
Земјотресот ги натерал некои од жителите да избегаат надвор, но локалните власти уверуваат дека нема опасност од цунами.
Индонезија се наоѓа на тихоокенскиот „Огнен прстен“, каде тектонските плочи се поместуваат, предизвикувајќи честа сеизмичка и вулканска активност.
