Земале храна од контејнер за што „заработија“ казни
Во Фирстенфелдбрук во Германија судот осуди две студентки на парична казна поради тоа што зеле храна од контејнер за отпад на еден супермаркет.
Двете студентки добија глоби од 225 евра, условно на две години и на осум часа работа за добротворни цели, според дневникот Muenchener Merkur.
Јавниот обвинител побарал глоба од 450 евра сметајќи дека се работи за особено тежок случај на одземање туѓ имот со оглед на тоа дека контејнерите за отпад се наоѓале зад заклучена ограда, која осуденичките ја отвориле со универзален клуч.
Двете студентки се членки на едно движење кое бара поодговорен однос кон продуктите, кои, иако се погодни за човечка исхрана, се фрлаат поради истекот на рокот во кој е најдобро да се јадат.
Нивниот адвокат рече дека фрлената храна веќе не може да се смета како сопственост бидејќи сопственикот, фрлајќи ја во ѓубре, се откажува од неа, но судот не го признава тоа.
