Зеленски за прв пат ја напушти Украина од инвазијата, објави дека е на пат за САД
Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат од руската инвазија ја напушта Украина, откако потврди дека е на пат за САД, каде што денеска ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден.
Од почетокот на руската инвазија пред 300 дена, Зеленски ниту еднаш не излегол надвор од границите на својата земја.
Тој ќе го посети Вашингтон само еден ден откако ненајавено ги посети украинските трупи во Бахмут, каде што веќе со недели се водат најжестоките борби.
И Белата куќа ја потврди посетата и кажа дека ќе ја снабди Украина со ракетен систем „патриот“, со цел значително да ги засили нејзините противвоздушни способности.
Предвидено е Зеленски да се обрати во Конгресот и ќе оствари бројни билатерални средби.
„На пат за САД за да ги зајакнеме отпорноста и одбранбените способности на Украина“, напиша тој на Твитер.
