Зеленски: Во име на својата земја, бев подготвен да го посетам секое место, но не и Москва
Не доаѓа предвид да одам на преговори во Москва, категоричен е украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој не сака да патува во руската престолнина каде би се сретнал со рускиот колега Владимир Путин и би разговарале за крај на војната во Украина. Зеленски вели дека во името на неговата земја бил подготвен да оди на секое место на планетата, но тоа не важи за Москва. Украинскиот претседател вели дека руското политичко раководство направило катастрофална грешка со инвазијата на Украина.
„Отсега, многу земји нема да се занимаваат со прашањето дали некој е добар или лош Русин. Сите Руси ќе бидат третирани лошо. Русија како земја го постигна тоа. На крај, не е моја работа, но тоа би требало да го згрозува рускиот народ“, вели тој.
Досега имаше неколку рунди преговори, но засега нема решение кое би ставило крај на војната која почна на 24 февруари. Tимовите на двете земји преговараа во Белорусија, но и во Турција.
Украина и натаму бара оружје за да се одбрани од руските трупи, а воена помош најави САД.
