Зеленски ветува дека ќе го вратат и Крим
Ќе го вратиме и Крим, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски.
По евентуалното целосно освојување на Луганск, фокусот на руската инвазија се очекува да биде на регионот Доњецк, по што најверојатно рускиот претседател Владимир Путин ќе прогласи анексија на Донбас. Но, украинскиот претседател вели дека за да се справи со злото нема друг избор освен да продолжи понатаму и да го врати и анектираниот Крим.
„Жестоката битка за Северодоњецк ќе остане запаметена како една од најбруталните борби кои Европа некогаш ги видела, а за која Украина плаќа застрашувачка цена“, изјави Зеленски.
Извештаите покажуваат дека околу 70% од градот Северодоњецк сега е под руска контрола.Украинската војска има доволно муниција и оружје, но ѝ недостигаат проектили со долг дострел. Зеленски го повика германскиот канцелар Олаф Шолц да покаже јасна поддршка за Украина. Во интервју за германската телевизија ЗДФ, Зеленски рече дека Германија не треба да се обидува да ги балансира своите интереси. Русија на 24 февруари ја почна инвазијата на Украина.
