Зеленски вели дека Украина нема да го моли НАТО на колена за ништо
Украина изгуби интерес за влез во НАТО, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју за американската телевизија Eј-Би-Си.
Тој рече дека Украина е подготвена за дијалог со Русија околу статусот на Крим и Донбас. Тој изјави дека Украина нема да го моли НАТО на колена за ништо.
„Алијансата се плаши од контрадикторни работи, и конфронтација со руската федерација“, изјави Зеленски.
Зеленски рече дека не е подготвен за капитулација, а во однос на признавањето на Крим, и само-прогласените републики во Донбас, одговори дека постои можност, властите во Киев да разговараат и да најдат компромис, за тоа како луѓето ќе продолжат да живеат таму.
Зеленски и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба бараа авиони и затворање на небото над Украина, но нивните апели беа залудни.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг предупреди дека ситуацијата во Украина може да излезе од контрола. На 24 февруари, Русија ја нападна Украина. Претходно, рускиот претседател Владимир Путин ја призна независноста на Доњецк и Луганск. Русија бара Украина да остане неутрална.
