ЗЕЛЕНСКИ: Стотина бродови со храна чекаат кај Босфор. Зошто? Поради руската блокада
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на отстранување на трајните пречки за извозот на храна од Украина по морски пат во обраќањето на конференцијата на светските министри за земјоделство, а руската страна веднаш ја отфрли одговорноста за застојот.
„Повеќе од сто бродови со храна чекаат на ред на Босфорот“, рече украинскиот лидер во видео пораката на меѓународната конференција на министрите за земјоделство во Берлин во саботата.
„Зошто? Затоа што им треба инспекција, а руските претставници го блокираат тоа. Бродовите се задржани со недели“, додаде Зеленски, предвидувајќи дека тоа ќе резултира со зголемување на цените на храната.
За Азија тоа носи поголем ризик од социјална нестабилност, а за земјите во Африка како Етиопија и Судан празни маси за илјадници семејства, предупреди Украинецот.
Иако Русија продолжува да ја таргетира украинската инфраструктура, вклучително и пристаништата и транспортната логистика, и да води брутални борби во регионите клучни за земјоделството, „украинските земјоделци сè уште работат на полињата“, рече Зеленски.
Русија во саботата негираше дека ги блокирала украинските бродови за жито и го обвини Киев за создавање „вештачки сообраќаен метеж“.
„Во моментов 64 бродови се закотвени во украинските пристаништа и во инспекциските зони. Редоследот на нивната инспекција го одредува украинската страна, руските претставници немаат никакво влијание врз него“, соопшти Министерството за надворешни работи во Москва.
Руската морнарица ги блокираше пристаништата на Украина во Црното Море веднаш по почетокот на војната минатиот февруари.
Со посредство на Турција и Обединетите нации, минатото лето беше договорен крај на блокадата за да се олесни глобалната криза со храна. Меѓутоа, руските воени бродови имаат право да го прегледаат товарот на бродот, пишува dpa.
