Зеленски се спасил при 12 обиди за атентат?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски преживеал 12 обиди за атентат.
Украинските власти соопштија дека Зеленски преживеал или избегнал повеќе од 12 обиди за атентат од почетокот на руската инвазија на Украина. Најмалку два од тие обиди се спречени благодарение на американското разузнавање. Тајната средба на шефот на ЦИА, Вилијам Барнс и Зеленски, само неколку недели пред почетокот на руската инвазија во Украина – го спасила украинскиот претседател. Кремљ внимателно ја испланирал неговата егзекуција. Ова е откритие од сè уште необјавената книга на американскиот автор Крис Випл: „Во Белата куќа на Џо Бајден/Борбата на неговиот живот“, чии извадоци објавува „The Independent“.
Во јануари лани, кога руските тенкови веќе биле на украинската граница, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, тргнал од Вашингтон на тајно патување во украинската престолнина Киев. Тој имал само една цел: да ја сподели со Зеленски веста која многу го изненадила украинскиот претседател, а тоа е дека Русите планираат да го убијат. Зеленски потоа ја отфрлил како нереална дури и идејата дека Русите ќе ја нападнат Украина и рекол дека американските предупредувања создаваат непотребна паника. Кога му ги кажале сите детали, тој се предомислил.
Украинските власти лани објавија и дека група Чеченци планирале да го убијат Зеленски.
