Зеленски: САД сакаат дел од Донбас да биде претворен во слободна економска зона
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека САД ја притискаат Украина да ги повлече своите трупи од Донбас, а делот што сѐ уште го контролираат да биде претворен во слободна економска зона.
„Во првичниот мировен план, Вашингтон предлагаше Украина да го предаде Донбас во целост, а сега предлага компромис во кој украинската војска би се повлекла, а руските сили не би продолжиле со напредувањето. Тие не знаат кој би управувал со таа територија што ја нарекуваат слободна економска зона или демилитаризирана зона“, кажа Зеленски.
Тој додаде дека не верува дека овој план е правичен без цврсти гаранции дека руските трупи нема да ја заземат зоната откако украинските сили ќе се повлечат.
„Ако трупите на едната страна мора да се повлечат, а другата страна остане таму каде што е, тогаш што ќе ги запре овие другите, Русите? Или што ќе ги спречи да се преправат дека се цивили и да ја преземат оваа слободна економска зона? Сето ова е многу сериозно. Не е факт дека Украина би се согласила на тоа, но ако зборуваме за компромис, тогаш тоа мора да биде фер компромис“, рече Зеленски.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека најновиот нацрт-мировен план за Украина му е презентиран на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи предлог за територијални отстапки на кои што Киев можеби е подготвен.
„Сепак, територијалното прашање е прашање на кое првенствено мора да одговорат украинскиот претседател и украинскиот народ. Му го разјаснивме ова на претседателот Трамп“, кажа Мерц.
Во последните недели европските лидери тесно соработуваа со Украина за да смислат нова верзија на мировен план, што ќе одговара на интересите и грижите на Киев.
Војната почна пред скоро четири години.
фото Фејсбук/Володимир Зеленски
