ЗЕЛЕНСКИ ОДИ ВО ИСТАНБУЛ: Идејата да дојде и Трамп ја оцени како одлична
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во четврток ќе оди во Турција, каде очекува дека ќе дојде и неговиот руски колега, Владимир Путин.
Тој реагираше на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека може да се приклучи на мировните преговори во Истанбул. Зеленски кажа дека тоа ќе биде важен чекор.
„Само што ја слушнав изјавата на претседателот Трамп. Многу важни зборови“, напиша Зеленски на X.
Тој потврди дека го поддржува предлогот за целосно и безусловно примирје, како и идејата за директни преговори со рускиот претседател Владимир Путин.
„Ја поддржав идејата на претседателот Трамп за директни разговори со Путин. Отворено кажав дека сум подготвен за средба. Ќе бидам во Турција. Се надевам дека Русите нема да се извлечат со тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека за Украина би значело многу доколку Трамп лично дојде во Истанбул.
„Тоа е одлична идеја. Можеме да промениме многу работи. Претседателот Ердоган навистина може да биде домаќин на состанок на највисоко ниво. Благодарам на сите што помагаат“, кажа Зеленски.
Се очекуваат преговори во Турција за ставање крај на војната.
„Володомир Зеленски ќе мора да отпатува во Истанбул на мировни преговори, дури и ако Владимир Путин не се појави“, изјави Џо Барнс, аналитичар на „Бритиш Телеграф“.
Според неговата анализа, украинскиот претседател и неговите европски сојузници инвестирале политички капитал во идејата да ги убедат Американците дека Русија не е сериозна во врска со прекинувањето на инвазијата. Барнс тврди дека ако Зеленски не се појави на разговорите сега, тоа би можело да ја оштети позицијата на Украина пред американското раководство.
Од Кремљ рекоа дека сакаат долгорочно мирно решение.
Војната трае три години и две месеци.
