Зеленски одговори на поканата на Путин: Не можам да дојдам во Москва, ти дојди во Киев
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека го отфрла предлогот на претседателот на Русија, Владимир Путин, да дојде во Москва на преговори за дипломатско решение на конфликтот.
- Не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракети, под напади, секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист. Може тој да дојде во Киев - рече Зеленски во интервју за американската ABC News, на локацијата на американскиот производствен погон во западна Украина, кој неодамна беше цел на руски ракетен напад.
Путин во среда изјави дека никогаш не бил против средба со Зеленски, според ABC, додавајќи дека рускиот претседател го поканил својот украински колега да дојде во Москва, ако е подготвен за тоа.
Зеленски оцени дека понудата на Путин имала за цел одложување на средбата, инсистирајќи дека тој самиот (Зеленски) е подготвен за средба во кој било формат.
- Ако некој не сака да се сретне за време на војната, секако, може да предложи нешто што не може да биде прифатливо за мене или за другите - рече Зеленски.
ABC исто така наведува дека американскиот претседател Доналд Трамп го поставил состанокот меѓу лидерите на Русија и Украина како свој приоритет во напорите за посредување во постигнување мировен договор.
- Може да се случи трилатерален состанок. За билатералниот, не знам - рече Трамп минатата недела.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави оваа недела дека е „јасно“ дека билатералниот состанок меѓу Путин и Зеленски нема да се одржи.
