Зеленски: Никој не ги тера да умираат за урнатини, ќе ги поддржам нашите војници, особено командантите
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ги повика сојузниците од Европската унија да ги надминат несогласувањата околу користењето на замрзнатиот руски имот, нагласувајќи дека обезбедувањето нови финансиски средства е клучно за украинската економија разурната од војната.
„Се надевам дека ќе ја добиеме оваа одлука. Во спротивно, ќе мораме да најдеме алтернатива – тоа е прашање на наш опстанок. Затоа ни е многу важно. И сметам на партнерите“, изјави Зеленски за Bloomberg.
ЕУ ја одложи за декември одлуката за предлогот замрзнатиот руски имот да се искористи за „репарациски заем“ за Украина вреден 140 милијарди евра.
Зеленски истакна дека парите од замрзнатите имоти ќе овозможат на Украина да набави повеќе системи за противвоздушна одбрана и да ја финансира производството на дронови за целни напади врз руските позиции.
„Немаме дополнителни средства. Ова е начинот – и ова е праведно. Трамп има повеќе од пет милијарди долари руски имот, можеби ќе одлучи да ги искористи тие пари. Тоа ќе помогне“, рече Зеленски.
Тој откри дека Украина започнала заедничко производство на пресретнувачки дронови со САД.
Украинскиот лидер смета дека рускиот претседател Владимир Путин води кампања за психолошко заплашување на Европа преку скорошните упади на дронови и борбени авиони во воздушниот простор на НАТО.
Зеленски призна дека ситуацијата е „многу тешка“ во градот Покровск во Донецката област, каде што руските сили се обидуваат да воспостават контрола по месеци жестоки борби. Тој нагласи дека одлуките за евентуално повлекување се целосно во рацете на воените команданти.
„Никој не ги тера да умираат за урнатини. Ќе ги поддржам нашите војници, особено командантите кои се таму. Најважни за нас се нашите луѓе“, рече тој.
Според Зеленски, Русија сака победа во Покровск за да го убеди Трамп дека Украина треба да се повлече од целиот Донбас – Донецк и Луганск – како услов за прекин на војната.
Војната почна на 24 февруари во 2022 година.
фото Фејсбук/Володимир Зеленски
