Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зеленски ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мир, но има едно барање

Зеленски ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мир, но има едно барање

Киев ќе го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир ако испрати ракети „Томахавк“ во Украина и помогне во посредувањето за прекин на огнот со Русија. Ова го најави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Планот за завршување на војната нема да биде лесен, но тоа е секако патот напред. И ако Трамп му даде на светот – а особено на украинскиот народ – шанса за таков прекин на огнот, тогаш да, тој треба да биде номиниран за Нобелова награда за мир“, рече Зеленски. 

Политико потсетува дека Трамп претходно водеше кампања за престижната награда, тврдејќи дека завршил седум војни.

Зеленски изјави дека ракетите „Томахавк“, со дострел до 1.500 километри, ќе ѝ овозможат на Украина да погоди цели длабоко во Русија, сè до Сибир.

Според него, ова ќе ја зајакне Украина и „малку ќе ги отрезни Русите, доведувајќи ги на преговарачка маса“. Зеленски додаде дека Киев побарал прецизни ракети со долг дострел за време на мандатот на Џо Бајден, но барањето било одбиено.

Трамп во понеделник изјави дека „некако“ донел одлука да ги испрати ракетите во Украина, но сакал да разјасни како ќе се користат.

„Некако се одлучив. Мислам дека сакам да дознаам што прават со нив, каде ги испраќаат, претпоставувам. Морам да го поставам тоа прашање“, рече Трамп.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предупреди дека испраќањето на Томахавците во Киев „ќе доведе до нова сериозна фаза на ескалација на украинската криза, но исто така ќе предизвика непоправлива штета на руско-американските односи“. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари во 2022 година. 

Слично

Поврзани вести