Зеленски ја откажа посетата на Шпанија и Португалија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја откажа посетата на Мадрид кон крајот на оваа недела, каде што требаше да се сретне со шпанскиот премиер Педро Санчез и со кралот Фелипе Шести, соопшти кралската палата.
Дипломатски извори истакнаа дека откажувањето на патувањето на претседателот на Украина, во кое требаше да биде вклучена и Португалија, е последица на сложената ситуација низ која поминува неговата земја наспроти руската офанзива по повеќе од две години војна. известува ЕФЕ.
Шпанската влада официјално не ја најави посетата, иако владини извори во понеделникот открија дека за време на посетата се планира да се потпише билатерален безбедносен договор. На 7 мај Зеленски и Санчез оствариле телефонски разговор во кој Санчез дал гаранција дека Мадрид ќе го поддржува Киев „колку што е потребно“, пишува шпанскиот портал Infobae.
Како што наведува Rason25, Украина се обидува да обезбеди воена поддршка од Шпанија, снабдување со оружје и обука на украинските војници до влезот на земјата во НАТО и ЕУ.
Премиерот на Шпанија најави и дека ќе присуствува на мировниот самит за Украина во јуни. Зеленски ја посети Гранада минатиот октомври, за време на шпанското претседателство со Советот на ЕУ, како дел од самитот на европската политичка заедница. На маргините на тој самит, Санчез се сретна со украинскиот претседател и му вети поголема воена помош, како нова противвоздушна одбрана и енергетска опрема.
Шпанската кралска палата претходно соопшти дека Зеленски во петок ќе се сретне и со кралот Фелипе Шести, по што требаше да се организира свечен ручек во чест на украинскиот претседател.
Шпанскиот печат објави дека украинскиот лидер ја донел одлуката откако Русија започна нова офанзива во североисточна Украина.
