Зеленски: Ги уништивме плановите на непријателот
Генералштабот на украинската армија соопшти дека вооружените сили на оваа земја поседуваат документи од рускиот воен план.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот рано наутро во видео-обраќање до нацијата даде оптимистичка оценка за војната и ги повика Украинците да продолжат со отпорот, додека Генералштабот на украинската армија изјави дека армијата има документи за воениот план на Русија.
„Ние сме народ кој за една недела ги уништи плановите на непријателот. Тука нема да има мир. Нема да имаат храна. Тој нема да има никакви мирни моменти овде“, рече тој во видео порака, пренесува Танјуг, повикувајќи се на АП.
Зеленски, сепак, не коментираше дали Русите зазеле неколку градови, вклучително и Hерсон.
Тоа не се воини на некоја велесила
„Ако отишле некаде, тогаш тоа е само привремено. Ќе ги избркаме“, изјави украинскиот претседател.
Зеленски нагласи дека борбите влијаат на моралот на руските војници, кои „влегуваат во продавниците и се обидуваат да најдат нешто за јадење“.
„Ова не се воини на некоја велесила. Тоа се збунети деца кои биле експлоатирани“, изјави претседателот на Украина.
Тој тврди дека бројот на загинати Руси достигнал речиси 9.000.
„Украина не сака да биде покриена со тела на војници. Одете си дома“, рече Зеленски.
Генералштабот на украинската армија во средата соопшти дека армијата има документи за воениот план на Русија.
„По успешните операции на украинската армија, руските војници во паника оставија зад себе некои тајни документи“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Се наведува дека „воениот план со Украина“ бил одобрен на 18 јануари 2022 година.
Окупацијата на цела Украина требаше да биде завршена во рок од 15 дена, од 20 февруари до 6 март“, се вели во документот.
Гневот на меѓународната заедница
Нападот на Русија врз Украина, кој започна на 24 февруари, го предизвика гневот на меѓународната заедница, а Европската унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и САД воведоа економски санкции кон Москва.
Многу земји ја снабдуваат Украина со оружје, го затвораат воздушниот простор за руските авиони и ги забрануваат руските државни медиуми.
Втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина е закажана за денес.
ИЗВОР: АГЕНЦИИ
Фото: Инстаграм Официјален профил Зеленски
