„ЗЕЛЕНСКИ БЕШЕ ПОДГОТВЕН ДА СЕ СРЕТНЕ СО ПУТИН, НО ТОЈ НЕ СЕ ПОЈАВИ“: Фон дер Лајен за преговорите и претседателот на Русија
Tоа што рускиот претседател Владимир Путин не се појави на преговорите во Турција за прекин на огнот во Украина, покажува во што тој навистина верува и дека не сака мир, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при пристигнувањето на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
- Во текот на последните денови можевме да бидеме сведоци на вистинското уверување на претседателот Путин. Тој прво повика на прекин на огнот околу годишнината од 9 мај, кој никогаш не го почитуваше. Потоа Украина, со поддршка на Европската Унија и САД, повика на целосен и безусловен прекин на огнот во период од 30 дена, што претседателот Путин го одби и конечно тој понуди директна средба меѓу Украина и Русија во Турција. Претседателот Зеленски беше подготвен да се сретне со претседателот Путин, но тој не се појави. Ова го покажува вистинското верување на претседателот Путин, дека не сака мир - рече Фон дер Лајен.
We want peace.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) May 16, 2025
Now is the time to intensify the pressure until Putin is also ready for peace.
This is why we are working on the 18th package of sanctions pic.twitter.cm/QYJRInCleO
Таа нагласи дека затоа мора да се засили притисокот врз Москва и дека ЕУ веќе работи на усвојување на нов пакет санкции кон Русија, со кои ќе бидат опфатени гасоводот „Северен поток 1“, ќе има ограничувања за т.н. „флота во сенка“ и на разликата во цената на нафтата, како и мерки поврзани со рускиот финансиски сектор.
- Ние сакаме мир и затоа мора да го зголемиме притисокот врз претседателот Путин се додека не биде подготвен за мир - додаде Фон дер Лајен.
Таа потсети дека и Европската политичка заедница беше основана по почетокот на руската агресија врз Украина, токму со цел да го обликува европскиот одговор на војната и да се осигура стабилност на европскиот континент.
Фото: Принтскрин/Х
