Зеленски: Апсолутно е невозможно да се сретнам со Путин во Москва, нека дојде во Киев
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека е апсолутно неприфатливо за него да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, но дека јавно го поканува Путин, доколку се осмели, да дојде во Киев на разговори.
„Апсолутно е невозможно за мене да се сретнам со Путин во Москва. Тоа би било исто како да се сретнам со него во Киев. Можам да го поканам и во Киев - нека дојде. Еве, јавно го поканувам, ако се осмели, да дојде во Киев“, рече Володимир Зеленски и истакна дека Украина сака конструктивен договор за завршување на војната.
Зеленски рече дека сака продуктивен состанок, каде што ќе можат да се дискутираат и решаваат отворените прашања, објави „Украинска правда“.
„Но, ако некој не сака да се сретне, од некоја причина, не може директно да го каже тоа, тогаш се појавуваат такви покани од Москва. Јасно е што се случува“, рече тој.
Зеленски рече дека секогаш е подготвен за каков било формат на разговори што би ја завршиле војната, но дека е невозможно тоа да биде во Москва или Белорусија.
„Апсолутно е јасно зошто - едната од земјите е агресорот што ја започна војната против нас, нè убива, а другата земја е партнер во тие дејствија“, нагласи Зеленски.
Малку порано, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Зеленски е подготвен за средба лице в лице со Путин, со цел да се решат две клучни прашања од рамката за мир - териториите и управувањето со нуклеарната централа Запорожје, на што одговори помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, велејќи дека Зеленски може да отпатува во Москва.
Зборувајќи за забрзаното членство на Украина во Европската Унија, Зеленски рече дека тоа е реално сценарио и оцени дека ЕУ е безбедносна гаранција за иднината на земјата.
Тоа е егзистенцијален избор, но не само од геополитички и економски причини, туку и од вредности, рече украинскиот лидер.
„Она што нè интересира е забрзан пат. Во споредба со другите земји, нашите соседи и пријатели од Балканот, оние кои се кандидати и кои со право треба да бидат дел од ЕУ, тие не се во војна и немаат непријателска армија на своите граници, ниту на европските граници, што би го блокирало нивното членство во иднина“, рече Зеленски.
Според него, Русија би го блокирала членството на Украина во ЕУ во мирно време, бидејќи веќе го сторила тоа.
„Во нивен интерес е Украина да не биде ниту во ЕУ ниту во НАТО. Тоа би била хибридна војна против пристапувањето на Украина во ЕУ“, рече Зеленски.
