Зеленски: Ако Украина не добие заем од ЕУ, Путин ќе добие желба да ја освои целата земја
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина ќе биде во големи проблеми, а рускиот претседател Владимир Путин ќе биде охрабрен да ја продолжи војната ако Европската Унија(ЕУ) не одобри репарациски заем заснован врз замрзнатите руски средства. Европските лидери денеска и утре одлучуваат како да ја финансираат Украина во следните две години, зашто таа се соочува со опасност да остане без пари уште во второто тримесечје од 2026 и со тоа да ја изгуби војната.
„Нам ни требаат пари за нашата војска и за нашето воено производство. Но, ако се постигне договор за крај на војната, тогаш овие пари ќе бидат искористени исклучиво за обнова“, вели Зеленски.
Тој ги повика европските лидери да ја обезбедат поддршката за Украина и да ѝ покажат на Русија дека продолжувањето на војната е бесмислено.
„Ако Украина не добие заем од ЕУ, Путин ќе добие желба да ја освои целата земја. Ќе бидеме послаби и поранливи ако немаме доволно пари за живот и оружје. Апсолутно е јасно дека Путин во таква ситуација нема да сака никаква дипломатија, никаков дијалог. Што ќе прават тогаш Европа, САД и сите други“, рече Зеленски.
Членките на ЕУ ќе разгледуваат две опции на самитот во Брисел, при што се преферира користењето на замрзнатите руски милијарди како заем за Украина. Најголемиот дел од овие пари се чува во белгискиот депозитар „Евроклир“, па Белгија најгласно се противи на оваа идеја зашто стравува од тужби од Русија, кои веќе се најавени. Другата идеја, поддржана од Белгија, е ЕУ да позајмува пари на меѓународните пазари, што Унгарија веќе го отфрли. Во февруари 2026 година ќе се навршат 4 години од почетокот на војната.
фото принтскрин
