ЗАВРШУВА КОНТРОЛАТА НА СПУТНИК V: СЗО и ЕМА ќе го дадат конечниот одговор дали ќе ја одобрат
Светската здравствена организација (СЗО) и европскaта Агенција за лекови ја завршуваат контролата на руската
вакцина против корона вирусот„Спутник V“ и се очекува да се произнесат до крајот на неделава, објави
руската државна агенција ТАСС.
СЗО, која досега одобри осум вакцини, и Европската агенција за лекови го започнаа вториот чекор од процесот на одобрување Спутник V, инспекција на неговите производни практики, на 10 мај.
-Во моментов, нашите експерти се во Русија и нивната мисија тука ќе биде завршена до 4 јуни“, рече регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, за ТАСС.
„Тогаш ќе се подготви извештај со препораки што ќе бидат земени предвид“, додаде Клуге на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
Експертот за јавно здравје истакна дека „дефинитивно постојат основи за оптимизам“ во врска со одобрувањето на Спутник В.
„И Европската агенција за лекови и СЗО ја испитуваат вакцината, што само по себе е добар знак“, рече Клуге.
Русија ја регистрираше вакцината со две дози во август 2020 пред почетокот на големи клинички испитувања, но водечкото медицинско списание „Лансет“ оттогаш изјави дека е безбедна и е над 90% ефикасна.
Најмалку две земји-членки на ЕУ го заобиколија процесот на одобрување на блокот и самите ја одобрија употребата на Спутник V на нивна територија.
