Завршија преговорите во Исламабад, Венс рече дека нема договор
Разговорите меѓу САД и Иран продолжија доцна во ноќта во Исламабад за прекин на конфликтот, Ормутскиот теснец, замрзнатите средства на Иран и Либан. Тие завршија без договор. Израел, кој не учествуваше во преговорите, изрази подготвеност да продолжи со воените дејствија против Техеран и Хезболах.
Потпретседателот на пакистанската влада, Ишак Дар, по повод американско-иранските преговори што се одржаа во Исламабад, нагласи дека е императив „страните да останат посветени на прекинот на огнот“.
„Се надеваме дека двете страни ќе одржат позитивен дух за да постигнат траен мир и просперитет за целиот регион и пошироко“, се вели во соопштението.
Според него, Пакистан ќе продолжи да игра улога во посредувањето во ангажманот и дијалогот меѓу Иран и САД „во наредните денови“.
Тој изрази „благодарност“ до двете страни бидејќи ги ценат напорите на Пакистан да помогне во постигнувањето прекин на огнот.
Техеран: Разлики во мислењата за две или три важни прашања
Есмаил Багаи рече дека Иран и САД „постигнале разбирање за голем број прашања“ и дека постојат „разлики во мислењата за две до три важни“ прашања.
„Овие преговори се одржаа по 40 дена наметната војна и беа спроведени во атмосфера на недоверба и сомнеж. Природно е што не требаше од самиот почеток да очекуваме да постигнеме договор за време на еден состанок. Никој не го очекуваше тоа“, рече Багеи.
Багаи претходно изјави дека успехот на разговорите зависи од „сериозноста и добрата волја на спротивната страна“ и прифаќањето на легитимните права и интереси на Иран.
Ванс: Нема договор, ја дадовме нашата конечна и најдобра понуда
Не е постигнат договор со Иран по маратонските разговори во Пакистан, изјави американскиот потпретседател Џ.Д. Венс на заедничката прес-конференција со американскиот специјален претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп и советник во Белата куќа, Џаред Кушнер.
„Имавме голем број суштински разговори со Иранците, тоа се добри вести. Лошата вест е дека не постигнавме договор и мислам дека тоа е лоша вест за Иран, а не за САД“, рече Венс.
Иран не се обврзал да се откаже од своето нуклеарно оружје, рече Венс, додавајќи дека американските преговарачи ја дале својата „конечна и најдобра понуда“, но Техеран одбил да ги прифати американските услови за договорот.
Венс им се заблагодари на пакистанските медијатори, премиерот Шехбаз Шариф и фелдмаршалот Асим Мунир, и рече дека „Пакистанците завршија неверојатна работа“.
Преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран во Исламабад за прекин на конфликтот траеја доцна во ноќта.
За Техеран, барањата на Вашингтон за иднината на теснецот се „екстравагантни“, додека иранските медиуми известуваат дека Вашингтон се согласил да ги одмрзне средствата на Исламската Република.
Израел, кој воопшто не учествуваше во разговорите, подвлекува дека Либан не смее да биде вклучен во мировниот договор и дека е подготвен во секој момент за продолжување на војната против Иран.
Во меѓувреме, американската војска тврди дека нејзините разорувачи веќе се во водите на теснецот и ги чистат морските мини што претходно ги постави Револуционерната гарда, што Техеран го негира.
Далеку од Пакистан, американскиот претседател Доналд Трамп истакнува дека е очигледно дека спротивставената армија е уништена, а владата останала без клучни луѓе - претставувајќи го тоа како јасна американска победа.
