Завршен новиот театар во Санкт Петербург, изградбата чинеше 700 милиони долари
Со концертот на познатиот шпански тенор Пласидо Доминго се отвора втората сцена на театарот Марински во Санкт Петербург, чија 10-годишна изградба чинеше повеќе од 700 милиони долари. Гости на свеченоста ќе бидат претседателот на Русија Владимир Путин, кој ќе предводи 2.000 ВИП посетители.
Втората сцена на театарот е изградена во непосредна близина на театарот Марински од 19 век. Објектот е проект на францускиот архитект Доминик Перо и Канаѓанецот Џек Дајмонд, а за шеф на проектот беше назначен Валериј Георгиев, еден од најпознатите диригенти на светот.
Сепак директорот на познатиот Музеј Ермитраж, Михаил Пјотровски го оцени изгледот на новата зграда како „целосно архитектонско промашување“ бидејќи со модерниот стил не се вклопува во класичните градби на Санкт Петербург.
Изградбата на зградата на театарот ја следеа многу проблеми, меѓу кои и недостигот од пари бидејќи планираниот буџет одамна беше пробиен. За време на градењето беа променети три изведувачи на работи, имаше незадоволство на балетскиот ансамбл заради ниските плати и лошите услови за работа додека внатрешноста на театарот е украсувана со златни детали.
