Затруено месо на глувци и патки се продавало како јагнешко месо
Голема операција на кинеската полиција насочена на разбивање на криминалот поврзан за производство и продажба на храна. Затруено месо на глувци и патки се продавало како јагнешко месо. Индустриското загадување и негрижата за здравјето на луѓето е голем проблем кој го следи брзиот економски развој на Кина.
Кинеската полиција во последните три месеци уапси дури 904 лица осомничени за нелегална манипулација поврзана за производство и продажба на месо од кои најшокантна е веста за продажба на месо од глувци, лисици и куни, како јагнешко месо, соопшти Министерството за јавна безбедност на Кина.
Месото на глодарите и наведените ситни цицачи, третирано со зачини и адитиви, се продавало во Шангај и провинцијата Џијангсу од 2009 година па до денес, а акцијата на полицијата во која во таа провинција уапси 63 лица покажа дека тие на тој начин оствариле вкупен приход од околу 10 милиони јуани, или 1,6 милиони долари.
Иако кинеската јавност е во шок, треба да се каже и дека месото од полски глувци во некои делови на Кина како што е провинцијата Гуандгонг се смета за регуларна храна.
Во Кина се спроведува полициска операција насочена кон спречување на нелегални активности во врска со производство и дистрибуција на храна, во која до сега се запленети над 20.000 тони неисправно месо.
Кинеските власти соопштија дека во овој период откриени се 2.010 случаи на кршење на законот во врска со продажба и дистрибуција на храна, приведени се над 3.500 осомничени, онеспособени се 325 нелегални групи и затворени се 1.712 фабрики, продавници и фарми.
Во март во реката Хуангпу која со вода го снабдува најголемиот кинески град Шангај, метрополис од 23 милиони луѓе, пронајдени се трупови на дури 16.000 фрлени свињи. Тие потекнуваат од градот Џиашин и околината, каде околу 130.000 луѓе одгледуваат околу седум милиони свињи.
Жителите на Џиашин рекоа за новинарите дека свињите кои умреле поради болест и голем студ фрлени се во реката и потоците, бидејќи одгледувачите не можеле да ги искористат поради настојувањата на властите да ги спречат испораките на бактериолошки неисправно месо.
Од 2010 до 2012 година во Кина над 2.000 луѓе се обвинети за пуштање во промет на неисправна храна, а благодарение на најновите рации бројот ќе биде значително зголемен во следниот период.
Цената на развојот
Кина од почетокот на 90-тите па до денес оствари фантастичен економски развој, а благодарение на растот стотици милиони луѓе во таа земја се извлечени од екстремна сиромаштија.
Меѓутоа, тој забрзан развој има и своја темна страна која се гледа во големото индустриско загадување на животната средина, но и општата алчност за богатење и остварување на профит каде често се занемарува здравјето и безбедноста на луѓето и животните.
Според резултатите на истражувањето кое во 2010 година го објави Светска банка, дури 16 кинески градови се наоѓаат меѓу 20 најзагадени урбани центри на планетата, при што атмосферското загадување во Пекинг е 16 пати поголемо од загадувањето во Њујорк. Во март оваа година во Пекинг е забележано највисоко ниво на смог за тој месец од 1960 година до денес.
Последните години во јавноста испливаа и многу фрапантни скандали во врска со биохемиската исправност на храната, хигиената на одгледувањето на животните и производниот процес во прехранбената индустрија.
Во април во градот Лиаојанг на североисточниот дел од земјата откриено е отровно место од патки кое било продавано како скапо јагнешко месо. За да го прикријат вкусот, продавачите месото го напрскале со огромна количина натриум-нитрат кој се користи како вештачко ѓубриво и тоа во концетрација три пати поголема од таа која се смета за смртоносна за возрасен човек.
Во 2008 година, шест деца умреа, а десетици илјади се разболеле од присуство на токсичната супстанца меламин во млекото во прав за прехрана на бебиња.
Пред пет години замрзнатите кинески месни топчиња во кои незадоволен работник во текот на производниот процес вбризгувал инсектициди, предизвика паника во соседна Јапонија, каде биле масовно продавани.
Јапонските власти открија присуство на канцерогени супстанци во зеленчук и морски производи преработувани во Кина.
