Засега нема договор во американскиот Конгрес
Еден ден пред крајниот рок кога на САД им се заканува банкрот, американскиот Конгрес не успеа да постигне договор за буџетот и за долгот.
По завчерашната иницијатива за решение во Сенатот, каде страстите меѓу двете завојувани страни се пониски, Претставничкиот дом вчера се обиде да одговори со свој предлог, но по десетина часа преговори, вечерта конгресмените соопштија дека немаат доволно гласови за да донесат свој предлог.
Денес се очекува нов обид на Сенатот. Предлозите би содржеле одлука да се продолжи финансирањето на Владата на САД до 15 јануари и да се крене нивото на долг на земјата до 7 февруари следната година. Републиканците, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом, бараат ова да биде поврзано со повеќе измени на здравствената реформа Обамакер, како што е инсистирањето конгресмените и членовите на Кабинетот на Обама да се осигураат преку програмите што ќе ги нуди Обамакер.
Доколку се постигне договор, републиканците во него веќе нема да бараат целата програма на Обамакер да биде одложена за една година. Сепак, претседателот Барак Обама и демократите во Сенатот не се подготвени да прифатат многу дури ни од намалените републикански барања, и двете страни се обидуваат да победат во медиумската борба за тоа кој ќе биде обвинет дека повеќе и нанесува штета на државата.
Слично
