Економија, финансии, бизнис

Контакт

Запознајте го саудискиот Ворен Бафет

Запознајте го саудискиот Ворен Бафет
Алвалид бин Талал ал Сауд е 18-ти на листата на најбогати луѓе на светот, а сака да се претставува како „Ворен Бафет од Саудиска Арабија“. Западните медиуми се прашуваат дали навистина зад богатството од десетици милијарди долари стои навистина тој или саудискиот принц е само „лицето“ зад кое се кријат повеќе арапски инвеститори. Но, која и да е вистината, факт е дека акциите на “Кингдом холдинг“, од кои 95% се во рацете на овој принц бележат значителен раст во изминатите пет месеци. „Блумберг“ оценува дека неодамнешните вложувања на Алвалид во Твитер и во онлајн продавницата „JD.com“ од Пекинг, хотелските комплекси „Фор Сизонс“ и „Фермонт“ му помогнале на принцот да го врати својот холдинг од рецесија. „Имаме скриено богатство, многу имот кој не е на берза, во вредност меѓу 11 и 12 милијарди долари, а кој ако се понуди на пазарот би можел да чини и два пати повеќе“, признава и 58-годишниот Алвалид во изјава за „Блумберг“ од Кран Монтана во Швајцарија, каде што одмора со семејството. Но, кога станува збор за Ворен Бафет, кој со имот од 57,8 милијарди долари е четврт најбогат човек во светот, Алвалид сепак вели дека не очекува на скалата на милијардери наскоро да го престигне својот идол. „Минатата година, 2013-та, Бафет беше еден од најголемите добитници на берзата, многу поголем од мене... Не можат да се гледаат само четири или пет месеци. Сепак тврдам дека Бафет е многу пред мене“, вели овој саудиски принц. И тој е само човек што греши Успехот на Алвалид дојде по неколку крупни инвестициски грешки, вклучувајќи ја и продажбата на акциите на „Епл“ во 2005 година, потпирањето на „Ситигруп“ за време на финансиската криза, како загубата на 200 милиони долари по инвестирањето во „Ворлдком“ во 2000 година. „Ситигруп“, во која холдингот на Алвалид има удел од 4%, од јули 2007 година бележи пад од 90%. Сепак принцот не е загрижен за ова и кратко вели: „Тоа сега е минато!“ За продажбата на својот удел во „Епл“, принцот не признава дека направил грешка, бидејќи парите во меѓувреме ги вложил во недвижности во родната Саудиска Арабија и за осум години заработил исто толку колку што би му донеле акциите на „Епл“ денес. „И според сопственото признание, Принцот носи и добри и лоши одлуки. Во секој случај, неговите одлуки се засноваат на информации и долгорочни анализи“, вели Риз Кан, автор на биографијата „Алвалид: бизнисмен, милијардер, принц“. Во 2013 година магазинот „Форбс“ го рангираше Алвалид како 26-ти најбогат човек на светот со проценето богатство од 26 милијарди долари. Тој се побуни заради ваквата проценка и најави тужба против весникот за изнесување непрецизни податоци. Зошто Њујорк ја врати неговата донација? Алвалид бин Талал бин Абдулазиз ал Сауд е роден во 1955 година. Се школувал во САД, а повторно се вратил во родната земја во времето кога Саудиска Арабија го доживеала „нафтениот бум“. Првите пари ги направил во градежната индустрија и недвижностите, а потоа се свртел кон банкарството - купил две пропаднати саудски банки и со нивно спојување создал една од најголемите банки на Блискиот Исток. Неговиот бизнис денес се шири и во хотелиерството, авиосообраќајот, петрохемиската индустрија, медиумите, здравството, образованието, па дури и социјалните мрежи. Меѓу другото, поседува удели во „Њузкорп“, „АОЛ“, „Фокс њуз“, „Евродизни“... Алвалид е познат и како голем донатор, но најконтроверзна е донацијата која му ја понудил на градот Њујорк по терористичките напади од 11 септември. Му испратил чек на тогашниот градоначалник Руди Џулијани и објавил соопштение во кое вели: „Во вакви времиња мора да се позабавиме со работите кои доведоа до ваков злосторнички напад. Верувам дека владата на САД треба да ја преиспита својата политика кон Блискиот Исток и да усвои поизбалансиран став кон палестинското прашање!“ Џулијани му го врати чекот, а Алвалид во интервју за еден саудиски неделник подоцна овој потег го прокоментира како резултат на „еврејскиот притисок од кој се плашат Американците“. Спонзорира образование – отвора студии за американистика низ Блискиот Исток, но и исламски центри на универзитетите во Западните земји. Во 2002 година донирал половина милион долари во фондацијата на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Постариот.
Слично

Поврзани вести